Битолско Културно Лето `Бит-фест` 2010
Со концертот на Гордана Јосифовска Неделковска и Биг бендот од ФМУ Скопје под диригенство на Кире Костов, започна годинашниот летен фестивал `Бит-фест`, кој за отворен го прогласи градоначалникот на Битола, Владимир Талески.
Во големата сала на Центарот за култура во Битола, на 26.06.2010 свечено започна годинашниот летен фестивал `Бит-фест` на кој ќе бидат изведени повеќе од стотина културни настани. Ова е петти по ред фестивал кој го организира локалната самоуправа на Битола, а полека полека почнува да биде бренд по кој се препознава Битола.
По свеченостите околу отворањето, настапија со концерт Гордана Јосифовска Неделковска и Биг бендот од ФМУ Скопје под диригенство на Кире Костов, а како нивни гости беа македонскиот гитарист Влатко Стефановски и бугарскиот музичар Теодисиј Спасов. Битолчани имаа прилика за прв пат да го слушаат и гледаат овој состав кој посебно ги изненади со прекрасните изведби на македонските народни песни во модерни изданија.
Свеченото оворање беше планирано првобитно во античкиот локалитет Хераклеа, во големиот амфитеатар, но поради променливото време се премести во Центарот за култура на затворено.
Пред свеченото отворање на `Бит-фест` се одржаа и неколку настани како изложбата на фотографии Наце Попов, фестивалот на музиката `Солстиз` и настапот на КУД `Илинден`.