Ретроспективна изложба на дела од Петар Хаџи Бошков
Ве информираме дека на 1-ви јуни 2010 година (вторник), во 20.30 часот, во Националната галерија на Македонија, објектот Мала станица, ќе се отвори ретроспективно-монографската изложба и промоцијата на книгата за академскиот скулптор Петар Хаџи Бошков. На ретроспективно-монографската изложба ќе бидат опфатени скулптури (метал, керамика, бетон, брестал) од сите фази во неговото творештво, настанати во периодот меѓу 1950 и 2004 година. Воедно на отворањето на изложбата ќе биде промовирана и книгата под наслов `Петар Хаџи Бошков: Скулптура 1950-2004`, долгогодишен истражувачки труд на авторката Конча Пиркоска.
Изложбата ќе ја отвори академик Георги Старделов, а промоција на книгата ќе одржи професор Елизабета Шелева. Изложбата ќе биде отворена до крајот на август 2010 година.