Крушевска куќа
Кога Власите го напуштиле Епир и дошле во Крушево, воочиле дека епирската куќа чардаклија не одговара на климатските услови. Тие се сретнале со мијачката култура и мијачката галичка куќа.
Во Крушево, како и во другите градови, чаршијата завземала централно место, и во неа се слеваат сите улици. Објектите се слободностоечки и со своите примарни фасади се свртени кон слободните визури.
Крушевската куќа спаѓа во затворените типови на куќи, прилагодена на климатските услови. Поврзаноста со епирската куќа чардаклија е преку логијата-балкон кој го заменува отворениот чардак.
Кај Крушевската куќа се појавуваат два типа на решение: симетрично и асиметрично решение.
Куќите имаат квадратна или правоаголна основа, имаат приземје и два спрата. Влезот се наоѓа на оската на куќата. Во приземје се наоѓаат 4 економски простории – кевари/кирели. Право од влезот се наоѓаат скалите кои водат до првиот кат. На првиот кат има затворен чардак кој ги поврзува просториите за обработка на храна, просториите за дневен престој и за спиење. Овде се појавува и просторија „маѓер“, каде што се одделени нечистите работи (приготвување на храна, миење на садови и сл.).
На вториот кат повторно има затворен чардак кој е репрезентативно обработен заедно со гостинските соби. Во гостинските соби покрај прозорците има минсофи, се појавуваат ниши во ѕидовите во кои на рафтови се редело порцелан. Тука се појавуваат и уметнички слики, фотографии од семејството, инструменти итн.
Вратата се наоѓа во оската на куќата, над неа се развива логијата, а над логијата се појавува тимпанон. Понекогаш катовите може да се еркерно испуштени, па во тој случај еркерите се мали и барокно обработени. Куќите биле градени за поединечни семејства,и речиси никогаш не се правеле братски куќи.