Кратовска куќа
Градот Кратово лежи во кратерот на изгаснат вулкан. Во центарот се наоѓа чаршијата, околу која се организирани маалата. Куќите се скалесто редени, една над друга со слободни визури. Постоеле 7 маала, некои христијански, некои само муслимански, а некои мешани.
Улиците може да ги следат изохипсите на теренот, и притоа да се долги, или слободно трасирани, ги поврзуваат претходните; може да се многу стрмни и да се претворат во скали. Се појавуваат и слепи улици – ќорсокаци. Куќите во маалата што се кон периферијата се слободностоечки, а тие поблиску до центарот се позбиени.
Се појавуваат кули. Биле станбено-одбранбени. Имале 3-4 нивоа. Првото ниво служело за складирање руда, првиот и вториот кат за живеење, а на третиот кат се развивале балкони.
Куќите во приземје имаале трем и визби, на кат била организирана зимска одаја, кујна и помала просторија. На вториот кат, во случај да го има, постои гостинска одаја (една или две соби).
Тремот во густонаселените подрачја може да има функција на двор и таму да се сместени економските простории. За изведба на традиционалната конструкција со камено ѕидано приземје и бондручни катови се користел локален материјал.
Внатрешноста на куќата е богато декорирана. Скалите се дрвени, некогаш богато обработени. Вратите може да се еднокрилни или двокрилни, при што подеднакво богато се декорирани и крилото и рамката. Покуќнината која е вградена може да е поединечна, како долапи, или во батерија: мусандра (за постелнина), чимеклак (за цвеќиња), амамлак (мала бања), серген (за садови). Миндери за одмор има во гостинската соба и на чардакот.