с. Прибилци - Демир Хисар
Прибилци е село во северниот дел на Општина Демир Хисар, од левата страна на патот Демир Хисар – Крушево.
Селото е рамничарско на надморска височина од 660 метри, а од Демир Хисар е оддалечено 4,5 км.
Во селото има училиште до IV одделение. Прибилци има 287 жители, сите Македонци.
Ова село е познато и опеано во многу македонски народни песни поради големата бунтовност и македонско родољубие (патриотизам) на неговото население. За време на Турското ропство селото било населено со Турско население и било седиште на Мудурот. Јордан Пиперката го запалил селото и после тоа почнало да се населува македонско население. Така настанало и името на селото.
Македонците се `прибирале` во селото и оттука доаѓа името Прибилци. Во селото има стари Турски гробишта и тие се сведоштво за животот на Турците во ова село. За време на Илинденското востание близу селото се одиграла помала битка меѓу македонските комити и турскиот аскер (за време на почетокот на востанието), а турскиот аскер кога поминувал покрај селото одејќи кон Крушево не ги пронашло комитите кои се скриле во селото. Населението било активно и за времето на НОБ, за што сведочи споменикот во селото.