Мариово
Областа Мариово била населена уште од антиката, а била и дел на Античка Македонија, за што сведочат остатоци од многу тврдини и пронајдоците на штитови и останати предмети од антиката.
Во 1564 / 65 година се случила познатата Мариовска Буна која била првата масовна форма на отпор на Македонскиот народ против Османската власт поттикната од бесправните даноци и неподносливите услови за живот.
Мариово е ридско - планински предел во јужниот дел на Република Македонија распослан на и помеѓу падините и билата на Селечка Планина, Ниџе, Козјак и Дрен Планина. Низ целата област Мариово протекува Црна Река (средното течение) каде што всушност се наоѓа и најдолгата клисура во Република Македонија, 100 километри долгата Скочивирска Клисура која е исто така една од бесценетите природни убавини на оваа област. На запад Мариово се граничи со Пелагонија, на југ со Грција, на север со регионот Раец и на исток со висорамнинската Тиквешка Котлина. Целата област Мариово зафаќа површина од 1 251 km2.
Според течението на Црна Река областа се дели на Мало Мариово (лева страна од реката) и Големо Мариово (десна страна од реката). Меѓу народот, а и во повеќе монографии за Мариово се споменува и поделбата на Старо и Ново Мариово.