Мустафа-пашина Џамија – Скопје
Еден од најубавите исламски споменици во Скопје
Сместен на возвишението спроти скопското Кале, над целата околина доминира еден од најубавите исламски споменици во Скопје - Мустафа-пашината џамија. Подигната е врз темелите на старата црква Св. Марина, од страна на угледниот великодостојник во Турското царство - Мустафа Паша, во 1492 година. Градбата е прилично упростен квадратен волумен, над кој се извива централно поставена купола на тромпи. Во внатрешноста на југоисточната страна се наоѓа михработ, украсен со пластична декорација изведена во мермер.
Во внатрешноста, над влезната врата се развива еден вид на галерија, одредена за служба на музеините. Архитектурата на влезната партија е заокружена со тремот, носен од четири снажни мермерни столбови, поврзани помеѓусебно со прекршени лаци. Над нив, налегнуваат три слепи куполи, од кои средната расне повисоко од страничните, подготвувајќи го окото за големиот волумен на централната купола. Пред самиот влез постои натпис напишан во проза со арапско писмо, кој ни дава податоци за времето на изградба и ктиторот. Џамијата е ѕидана од наизменични редови на камен и тула. Посебно внимание привлекува ѕидаријата на минарето, изведено од мермер и бигор.
Комплексот на Мустафа-пашината џамија го сочинуваат џамијата, турбето на Мустафа Паша, саркофагот на неговата ќерка Уми, шадрванот, неколку надгробни нишани, како и остатоци од некогашните имарет и медреса.