Даут-Пашин Амам – Скопје
Цврст сведок за османлиското културно влијание
Се наоѓа во непосредна близина на Камениот мост, од левата страна на реката Вардар. Се претпоставува дека е изграден во втората половина на 15 век, во времето кога Даут Паша живеел во Скопје. Објектот значително страда во опожарувањето на Скопје од страна на Пиколомини во неговата контраофанзива кон Османлиите во 17 век.
Однадвор, доминација на објектот му дава ѕидната површина ѕидана со наизменично редење на камен и по две реда на тула. На западната страна се истакнуваат двете големи куполи, а останатиот дел е покриен со уште 11 помали куполи, несиметрично поставени. Внатрешниот простор се осветлува со ѕвездестите отвори на куполите, затворени со стакло. Бидејќи бил двоен (чифте) амам, имал два посебни влеза, еден за мажи, и еден за жени. Влезовите не се наоѓале на иста страна, поради каноните на муслиманската религија.