Беговиот Амам – Тетово
Беговиот амам во Тетово потекнува од 15 век и претставува значаен споменик на своето време.
Во поновата историја тој ја губи својата првобитна намена на бања-амам, а во моментов се користи како угостителски објект-пицерија. Целта на проектот, кој ќе се спроведе со средствата од грантот, е да се искористат изразните можности на амамот и архитектонските вредности на градителското наследство на османлискиот период, кои најадекватно би дошле до израз преку уметнички корисен простор-галерија.
Турскиот амам во Тетово e претворен во духовна ризница на ликовната уметност. Националниот конзерваторски центар две години работеше на проектот за адаптација на просторот во мултимедијален центар погоден за изложби, поетски читања, промоции и за други помали манифестации. Новата Уметничка галерија има околу 350 квадратни метри изложбен простор со подно греење, мермерен под и дополнително осветлување во внатрешноста.