Пештерна црква Св. Никола, с. Драдња, Кавадарци
Марковата пештерна црква се наоѓа на југозападно од селото Драдња. Природната пештера длабока околу 15м, високо издигнатата над сувиот дол и сместена во карпите е искористена за градба на црква посветена на Св.Никола. Не е познато, зошто добила име Маркова црква. Во приземниот дел се наоѓа натпис, делумно зачуван, современ, со живописувањето и подигањето на црквата, меѓутоа, од него не може да се утврди кога таа точно е подигната и живописана.

Во натписот се споменувааат Архиреј, Игумен и Војвода, чии имиња несигурно се читаат. Оваа црква се споменува во литературата, но неточно се датира нејзиниот живопис. Црквата е поставена со западната фасада кон затворениот дел, а источниот кон отворениот дел од пештерата.

Црквата се сосотои од приземје и кат. Низ приземјето се влегува во пештерата од каде, преку дрвени скалила, се качувало во внатрешноста на црквата. Од некогашната црква денес се зачувани ѕидот на западната фасада, северниот и делумно јужниот. Црквата по својата архитектурна форма е еднокорабна градба со мали димензии, засводена со полукружен свод од бигорски камења. Градена е од кршен камен и делкан бигор.

Живописот е изведен на катот и на приземјето. Во нишата на западната фасада, над влезот, се наоѓа ликот на Св. Никола, на кого му е посветена црквата. Од другите светители можат да се идентификуваат: Св. Никанор, Евангелистот Јован и фрагменти од композицијата ‘’Исус Христус Емануил’’. На западниот сид од внатрешната страна, е насликана композицијата ‘’Успение Богородичино’’ еден непознат светител, можеби Св. Пантелејмон и композицијата ‘’Преображение’’. На северниот ѕид се уште се распознаваат млад светител, веројатно Св. Кузман, Деисизината композиција и сцени од животот на Св. Никола. Стилската анализа на животописот со компаративниот материјал упатуваат на фактот дека живописот е настанат во периодот на 14 век.
