Црква Св. Никола - с. Крупиште, Штип
На североисточниот излез од селото Крупиште, под патот Штип – Кочани, на десниот брег на Брегалница се наоѓа средновековна црква посветена на Свети Никола, а под неа се откриени остатоци од старохристијанска базилика.
Црквата Свети Никола е градба со скромни димензии, подигната од кршен камен со нееднаква големина и вградени делови од ранохристијанска пластика на која се испишани знаци и букви. Таа е еднокорабна, со полукружен свод и со полукружна апсида однадвор. Влезот е на западната страна.
Во црквата се сочувани два натписа. На првиот пишува дека црквата е изградена во времето на епископот Макарие во 1625 година, а живописана во 1627 година, додека на вториот е забележан зографот Исаија Дебрели кој, во 1880 година, кога се претпоставува дека е доградена припратата на црквата со полукружен свод, истата ја насликал и извршил одредени интервенции врз фрескописот од наосот. Во фрескописот од припратата изработен од овој зограф се забележуваат ликово облечени во современа носија.