Античкиот град на Исарот Валандово
Археолошкиот локалитет ИСАРОТ се наоѓа во непосредна близина на селото Марвинци, седум километри југозападно од Валандово.

На овој простор во старо време егзистирала праисторијска населба, врз чии остатоци, благодарение на поволните услови и местоположбата во Вардарската долина, подоцна се развила античка населба од хеленистичко време, која постепено прераснала во значаен економски, сообраќаен и културен центар на областа, таканарекувана Амфакситида, што се наоѓа од двете страни на реката Аксиос денешен Вардар.

Инаку делови од античкиот град ИСАРОТ се откриени со неколку наоди од постарото железно време, а со археолошкото рекогносцирање се започнува во 1950-1953 година кога локалитетот ИСАР првпат е регистриран во нашата стручна литература. Во текот на 1957 година се објавени некои случајни археолошки откритија од страна на месното население. Неупатените за вредноста на остатоците од античкиот град, земјоделците од околните села разнесувале разновидни археолочки материјали и ги употребивале во градежништвото, за украси во дворовите и сл.

Предмети од овој локалитет можат да се најдат и во некои музеи на други држави, како и во музеите во Скопје, Велес, Гевгелија и Музејската збирка во Валандово.
Античкиот град ИСАРОТ се претпоставува дека настанал во старогрчкиот период, со скромни археолошки грдаби, кој околу средината на IV век пред нашата ера доживува изразит напредок. Археолошките истразивања покажуваат дека градот бил густо населен во хеленистичко време. Во населбата имало складови за чување на жито, керамички работилници и култни места-светилишта. Откриени се и две антички некрополи.

Од предримско време, во 1984 година е откриен патоказ, односно стадион-камен, што зборува за растојанието меѓу два соседни града -Добер и Идомена. Натписот на патоказот е прв и единствен споменик од овој вид, па спроред тоа и еден од најзначајните епиграфски споменици, откриен досега во нашата земја. Со него е утврдена и локацијата на пеонскиот град Добер во Валандовската котлина.

Античкиот град ИСАРОТ е уништен во почетокот на VI век од силен земјотрес. Тогаш, покрај другите објекти, наполно бил уништен и разорен неговиот водовод, со што без вода згаснал и животот во него.

