Ансамбл за фолклор `Гоце Делчев` - Битола
Ансамблот за фолклор `Гоце Делчев` од Битола своите почетоци го бележи од 1983 година, кога е основан од Зружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија. Овој фолклорен ансамбл по својот квалитет и репертоар е уникатен и најнаградуван ансамбл од Македонија.
Оддавајќи се на нивната божја дарба и уметничка креативност и длабоко нурнувајќи се во оригиналноста на пребогатата македонска играорно и песнопојна традиција, чедата на овој Ансамбл, уметничкиот тандем на кореографи Бранко Жежовски и Петре Кривчевски создадоа дванаесет потполно оригинални и автентични кореографии и обичаи.
Одбирајќи стил на игра, со суптилна продлабоченост кон исконскиот ороводен ген, со многу силен однос кон етно деталот и впечатлив сценски шарм, авторскиот тандем ни нуди една оригинална и потполно автентична програма.
Така овие фолклорни поданици, заедно со управата на чие чело стои професор д-р Стефче Пресилски и уште 350 други луѓе, го чинат долгиот но и недозавршен синџир од победи и награди, и ја инкорпорираат пораката на великанот Гоце Делчев:
`... И ние светот го разбираме единствено како поле за културен натпревар помеѓу народите.`
Програмскиот опус на Ансамблот глобално е поделен на два дела: изворни обичаи и постановки, и обработени, стилизирани кореографии. Имаат освоено многу награди и признанија меѓу кои позначајни се: Плакета за естрада и фолклор по повод манифестацијата `Личност на годината` во 2004 година; Плакета за најголем придонес во фолклорот по повод манифестацијата Најпопуларни во 2007 година; 4-ноемвриска награда на град Битола во 2008 година.
До денес Ансамблот бележи свои 712 настапи, земајќи учество на врвни културни манифестации и фестивали, при тоа освојувајќи ги срцата и душите како на гледачите и љубителите на народната култура. Од гостувањата и настапите ширум светот најзначајни се: Австралија, Германија, Шведска, Велика Британија, Австрија, Франција, Полска, Турција, Украина, Бугарија, Чешка, Албанија, Хрватска, Португалија, Шпанија, Египет и многу други.