Синтезис
Македонската музичка етно група Синтезис е основана во 1995 година со цел да го сочува и унапреди богатиот македонски музички фолклор. Името си го одбраа за да го изразат концептот за кој се заложија и цврсто го негуваат – внимателно комбинирање на традиционалните звуци со современите аранжмански решенија создавајќи една синтеза која му обезбедува живот на минатото и и трасира пат на иднината. Нурнувајќи се длабоко во македонската фолклорна ризница, сериозно водејќи сметка за зачувување на традиционалните вредности и имањето посебен усет за создавање на современи високоестетски стилизации, оваа група може слободно да го понесе епитетот на освежувачи на македонската фолклорна традиција и нејзини чесни продолжувачи.
Групата во своето музицирање ги користи речиси сите македонски традиционални инструменти – кавал, гајда, зурла, тапан, тарабука, тамбура, а уникатната звучна слика, покрај современите клавијатурни инструменти, ја надополнуваат и трите ангелски гласови кои пеат во духот на женското групно пеење од старата македонска селска традиција. Занимавањето со македонскиот фолклор не ниту малку лесна работа и правењето уметност од уметност најчесто завршува со неуспех, меѓутоа кога станува збор за извонредни музичари-професионалци како Гоце Димовски, Ване Јовчев, Марјан Јовановски, Гоце Узунски, Радослав Шутевски, Анета Шуланковска, Билјана Ристовска и Мирјана Јошевска, тогаш нема грижи.
Во нивната музика не уживаме само ние, во чие битие се втиснати македонските фолклорни мотиви, туку и целиот свет кој неможеше да остане имун на целата таа егзотична, уникатна и несопирлива нео-традиционална, но универзална македонска музика. Синтезис ја обиколи Македонија неколку пати, а досега ги освои музичките вљубеници и воУнгарија, Словенија, Австрија, Италија, Германија, Грција, Србија, Португалија, Шпанија, Белгија, Полска, Франција, Шведска, Соединетите Американски Држави, Јапонија и Австралија.